Skip to main content
КошничкаClose Cart

7 чекори за послепразнично враќање во форма

Празниците се време на дружење, празнување, и многу храна покрај сето тоа. И факт е дека повеќето од нас излегуваат од својот ред на начин на исхрана и живот, за време на празниците, но со оглед на тоа што се ближи крајот на новогодишните, Божиќните празници и се околу нив, време е и ние да се вратиме назад на добрите стари патеки во врска со исхрана, физичка активност и други здрави навики.

Па смислив неколку чекори кои што можеби ќе ви помогнат полесно да се вратите во ред.

1. Прво ви треба мотивација за да се вратите назад на здравите навики, и мислам дека тука најмногу ќе ви помогне тоа да се потсетите на сите придобивки од здравиот начин на исхрана и живот, и да се потсетите дека да се храните и живеете здраво е промена и одлука донесена за цел живот, а не е само привремена “диета“ која трае некое време, т.е. има почеток и крај.

2. Исто така сигурно ќе вреди и да се потсетите дека празничниот период е само период, и дека наскоро се враќаме на редовни работни и секакви останати активности, и како што сите други работи се враќаат во “нормала“, така треба да се врати во нормала и нашата исхрана, вежбањето, пешачењето итн.

3. Дисциплината е најважната, во секој случај, така што потсетете се и како функционира таа, т.е. дури и да не се чувствувате најмотивирани за да направите нешто, направете го, заради тоа што знаете дека е добра одлука и дека ќе имате бенефит од неа.

4. Креирајте си мени за исхрана, за да имате идеја што точно да си подготвите, и полека да си се вратите на разновиден начин на исхрана, богат со здрави и нутритивни оброци.

5. Подгответе си ги омилените здрави оброци, за да се потсетите дека и здравите и нутритивни оброци може да бидат навистина вкусни.

6. Можеби е добро и да се ослободите од некои не баш толку здрави производи кои што ви заостанале во поголеми количини.

7. И бидејќи е нова година, можете и да си поставите некоја нова цел што сакате да ја постигнете во поглед на вашиот начин на исхрана или стил на живот. Можеби тоа ќе биде пиење на поголеми количини на вода, или пак да ја намалите количината на место или млечни производи во исхраната (ако сега ги јадете во поголеми количини), или вежбање два пати неделно. Што и да е, сигурно ќе ви биде интересно да си поставите нов предизвик, и да се обидете да го постигнете.

Среќна нова година и среќни празници, и се надевам дека и во новата година ќе продолжиме да се информираме за некои интересни нешта поврзани со исхраната и здравјето!

Автор: дипломиран нутриционист Маја Велковска